Димитров: Ја делиме истата судбина со ЕУ, но сè уште не сме на масата

Сподели

-“Ја делиме истата судбина со ЕУ, но се уште не сме на масата”, изјави шефот на македонската дипломатија Никола Димитров на третиот квадрилатерален министерски состанок на Македонија, Грција, Албанија и Бугарија, кој се одржува денеска во Солун, известува МИА.

Димитров им се заблагодари на бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева и на бугарскиот премиер Бојко Борисов, поради тоа што како земја претседавач со Унијата успеале регионот го вратат на политичката агенда на ЕУ, а 2018 да ја направат година на можности.

– На состанокот имаме две земји кандидатки и две земји членки. Верувам дека не може да станеме едно вистински среќно место доколку регионот не се движи во заедничка насока – рече Димитров и додаде дека сегашните случувања се позитивен момент за целиот регион.

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас, на отворањето на состанокот порача дека предизвиците во светски рамки го принудуваат регионот на ЈИЕ да ја зголеми интеграцијата.

– Промените што се случуваат во светот водат до заклучок дека мораме да ја интензивираме и продлабочиме соработката меѓу земјите од ЈИЕ – рече Коѕиас.

Тој напомена дека натамошното продлабочување и соработката е особено потребно поради две цели, „ПЈРМ“ и Албанија да станат дел од ЕУ и да се овозможи подготовка за нивната соработка во рамки на Унијата.

Теми на состанокот се прекуграничната соработка, европерспективите на Западен Балкан, влијанието на случувањата на Блискиот Исток врз регионот, можностите за развивање на сообраќајната инфраструктура. Ќе стане збор и за соработката меѓу полициите, борбата против прекуграничниот и организираниот криминал и справувањето со миграцијата.

Шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕиас денеска ќе имаат нова билатерална средба во рамките на министерскиот состанок, известува МИА.

Димитров и Коѕиас повторно треба да се сретнат и следната недела на меѓународна конференција што ќе се одржи во местото Сунио, во близина на Атина.

meta.mk