Во Света Софија ќе се одбележат 1000 години од формирањето на Охридската архиепископија

Сподели

На највисоко државно и локално ниво со бројни културни, научни, академски образовни и спортски  настани кои ќе се реализираат во период од месец мај до декември годинава, ќе се одбележува еден милениум од постоењето на Охридската Архиепископија.  Претседателот на државава, Владата, Македонската филхармонија и општина Охрид се главни поддржувачи  на активностите на Македонската православна црква за одбележување на еден од најзначајните јубилеи за македонската држава и народ.

На прес конференција што денес се одржа во општинската зграда беа изнесени детали околу  централните свечености кои ќе се одржат во Охрид.

Претседателот на Комисијата за односи со верските заедници Даријан Сотировски посочи дека станува збор за одбележување на несекојдневно значаен  настан црковен и духовен кој го обединува нашиот народ. Тој упати повик до сите братски балкански народи да дојдат во Охрид и  да присуствуваат на централната  свеченост што  на крајот од мај  ќе се одржува по повод 1000 години Охридска Архиепископија.

Градоначалникот Јован Стојаноски посочи дека  е гордост и обврска милениумското чествување  да помине достоинствено и во духот на универзалните  хуманистички вредности.

За одбележување на  големиот настан  1 000 години од  основањето на Охридската архиепископија, Охрид очекува бројни гости од земјава и странство.