Денеска се отвора Музеј на илузии во Скопје, наречен “Илузиум”. Музејот ќе придонесе за зголемување на забавните содржини на градот, а со тоа и ќе придонесе и за развој на туризмот.
Музејот се наоѓа на улица Максим Горки бр. 10, Скопје, спроти швајцарска Амбасада.
“Илузиум” е музејски простор од околу 500 квадратни метри и претставува една од најголемите инсталации во Европа.
“Кога посетителите ќе ги видат изложените предмети, ќе сфатат дека не е научна фантастика, туку само добра идеја и паметно спакувана приказна. Вакви поставки има во сите поголеми градови во Европа. Во Скопје досега немаше, а градот заслужува. Се отворија нови музеи, но сите имаат класични поставки. Во “Илузиум” нема скапи експонати и уметнички дела. Но, сите се исклучително забавни. А публиката е иста секаде во светот, и во Њујорк, и во Барселона и во Виена. Зошто и Скопје да нема ваков простор, особено со толкав број на туристи во последниве години”, вели Кирил Савовски, основач на музејот.
Пред присутните на отворањето ќе се обратат Благица Илиќ, ПР на Музејот на илузии и директорот на Агенција за промоција на туризмот Љупчо Јаневски.
“Илузиум” ќе работи секој работен ден од 8 до 20 часот, а за време на викендите од 9 до 20 часот.