Почина поетот и академик Матеја Матевски

Сподели

Во 89-тата година од животот ноќеска почина истакнатиот поет и академик Матеја Матевски.

На јубилејното, 50. издание издание на Струшките вечери на поезијата. во 2011 година, Матевски го доби „Златниот венец“.

Автор е на стихозбирките: „Дождови“, „Рамноденица“, „Перуника“, „Круг“, „Липа“, „Раѓање на трагедијата“, „Оддалечување“, „Црна кула“, „Завевање“, „Мртвица“, „Внатрешен предел“, „Заминување на светулката“ .

Погребот на академик Матеја Матевски ќе биде извршен утре во 12 часот на Градските гробишта Бутел во Скопје.

 

Песна

Од каде, од каде доаѓаш ти позната незаборавна
песно,
ти дете безнадежно ти наивно
стрело од тревите и птицо на калта
сува и бескрајна врвицо низ дождот
врвицо сребрена игрива камењарко
каде ме водиш.
Секогаш наслутена во водите и мракот
ти гриво блага гриво груба
нерамнодушно смела
секогаш жилаво месо на земјата и ноќта
гриво остра сабјо немирна на виделото
по сребрената врвица на просторот
како зрак и како светкавица.
Па однеси ме па однеси ме велам ти детство
однеси ме ти песно старост вечна и незаборавна
ти најголема илузијо без метафора
прозору неспретно отворен грубо длабок
за сите бои на вечноста
Однеси ме низ овој дожд ти врвицо
за да ме вратиш блага во овој пристан мал
во ова нежно седало на сонот.