Според изјавите од официјални лица од НАСА на прес конференцијата, првичните тестотви од ’новиот’ нуклеарен генератор кој ќе се користи во вселенски мисии наречен Килопауер поминале со позитивни прелиминарни резултати и ги надминале очекувањата. Се очекува оваа технологија да помогне во мисии на Месечината, Марс и подалеку.
Килопауер се базира на технологија која ја користи топлината генерирана од нуклеарна фисија со чија енергија ќе придвижува стирлингов мотор. Оваа технологија е стара преку сто години, со единствена разлика што топлината се генерира преку нуклеарна фисија. Теоретски оваа машина би произведувала константна енергија стотици години без потреба од друго гориво или сончева енергија. Во јадрото на реакторот има збогатен ураниум, со прачки од боронов карбид кои го поттикнуваат нуклеарното распаѓање (фисија). Топлината генерирана од нуклеарното распаѓање ќе се пренесува до генераторот преку стирлингова конверзија на топлина. Вишокот топлина од реакторот ќе се лади преку статични радијатори.
Инженерите објавија дека со генераторот постигнале моќност од еден киловат на температури од 800°C, но возможно е оваа технологија да се развие во поголеми формати и да се добива многу повеќе енергија. За некои идни мисии возможно е да се развие генератор кој ќе постигнува 40 киловати, со можност до еден мегават за понапредни мисии во иднината.
Следен чекор за оваа технологија е да се тестира во вселената. Едно од основните отворени прашања за функционалноста на оваа технологија е како би функционирала во вселената. И како ќе се лади овој систем во вакуум кој бара да се пренесува топлината од моторот кон околината.