Вулканот Фуего во Гватемала и понатаму исфрла вжарена лава и пепел. Екипите за спасување во Гватемала веќе трети ден по ред трагаат по преживеаните, по ерупцијата на вулканот Фуего. Досега загинале најмалку 99 лица и 150 лица сè уште се водат како исчезнати..
Институтот ги предупредил жителите да бидат внимателни и да избегнуваат движење на тоа подрачје. Во соопштението се наведува дека лавата, со тек широк 30 до 40 метри, се спушта кон реката Панталеон.
Врелата маса, проследена со вулкански гасови и кал, со себе носи големи камења и стебла од дрва.
Во соопштението се наведува дека синоќешните нови експлозии на вулканот предизвикале дополнителна паника меѓу населението, но и дополнително ги отежнале акциите на надлежните спасувачки тимови на терен.
Шефот на Институтот за форензика, Фануел Гарсија, соопшти дека спасувачките екипи и понатаму се на терен, но и дека се мали шансите меѓу исчезнатите да има преживеани.
Вулканот се наоѓа на само 40 километри од главниот град, а по ерупцијата во неделата вжарената лава го запали Ел Родео.
Од кругот околу вулканот се евакуирани најмалку 3.200 жители, а од Цивилната заштита на Гватемала јавуваат дека од ерупцијата на вулканот се загрозени речиси 1,7 милиони луѓе.