Нимиц: Чест ми е што бев медијатор – Димитров и Коѕиас покажаа лидерство и визија

Сподели

Медијаторот на Обединетите нации Метју Нимиц го поздрави заедничко прифатено решение што го постигнаа премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас за повеќедеценискиот спор за името.

Нимиц изрази чест што посредувал меѓу двете земји и им благодари на двајцата министри за надворешни работи кои демонстрирале лидерство, визија и решеност во преговарачкиот процес и не се откажале од напорите да се најде заеднички корисно решение за нивните нации и за целиот регион.

– Би сакал да им честитам за успешното завршување на преговорите за разликите кои постоеја меѓу нив. Не се сомневам дека договорот ќе доведе до зајакнување на односите меѓу двете соседни земји, а особено меѓу нивните граѓани. Охрабрен сум од решеноста на двете влади да придонесат за взаемна корист на нивните граѓани преку воспоставување стратешко партнерство како основа за интензивна соработка во сите области – се вели во пишаната изјава на медијаторот.

Нимиц вели дека чест му било што ја имал улогата на олеснувач помеѓу двете страни му оддаде признание на Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш за неговата непоколеблива поддршка и длабок интерес и на другите колеги во Обединетите нации за нивниот драгоцен придонес кон процесот.