OJO почнува со расветлување на вчерашните немири пред Собранието

Сподели

Основното јавно обвинителство – Скопје соопшти дека по работниот состанок со претставници од МВР, кој се одржал утрово, почнува со расветлување на вчерашните немири пред Собранието. Според обвинителството, уапсени биле 26 лица, од кои пет малолетници. Децата по утврдување на идентитетот и возраста, согласно Законот за правда на децата, се пуштени на слобода.

Повредени биле десетмина полицајци, од кои еден задобил тешки повреди, а, како што велат од обвинителството, повреди задобиле седуммина граѓани.

Обвинителите на МВР им дале насоки за доставување докази за сите уапсени лица, вклучително и малолетниците, и биле побарани снимки од безбедносните камери. Тој материјал заедно со другите обезбедени докази, ќе се користи за утврдување на вината на уапсените, како и за утврдување на идентитетот на други лица кои учествувале во настанот и можеби сториле кривични дела.

Основното јавно обвинителство – Скопје, исто така, во врска со заканувачките пораки и слики на социјалните мрежи, побарало од МВР да ги евидентира заканите кон функционерите и да обезбеди релевантни докази.