Премиерот Зоран Заев, во придружба на вицепремиерите Радмила Шекеринска и Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров попладневно се сретнаа со еврокомесарот за соседска политика на ЕУ и преговори за проширување, Јоханес Хан.
Од владиниот кабинет информираат дека со овој состанок започнала подготовката за скенирање на состојбата на поглавјата што се нотирани заедно со датумот за преговори и дека се разговарало за предвидената серија чекори што претстојат во спроведувањето на договорот со Република Грција, но и за главните насоки за засилување на реформите во поглавјата што први ќе бидат отворени во јуни идната година – владеењето на правото и правосудството и фундаменталните права.
Двете делегации изразиле уверување дека и понатаму останува искрениот и партнерски однос на Европската Комисија и се договориле дека следува заеднички предлог за преговарачка рамка која реално ќе ги претстави состојбите во Република Македонија, и од која ќе произлезат насоките со најважните приоритети за реформите во наредниот период.
„Заедничка констатација на средбата беше дека овој процес треба да биде максимално инклузивен за да ги анимира сите структури во македонското општество за да се создадат најдобри тимови кои ќе работат на усогласување на поглавјата од европското „аки“. Заедничка порака од оваа средба е дека нема време за прослави и дека претстојат 365 работни дена за интензивна работа за да се оствари историската задача на успешни и брзи преговори за членство на Република Македонија во ЕУ“, се вели во владиното соопштение.