„Кога доаѓаа на власт беа најгласни дека додека немало правда, немало мир, не се колебаа да ги злоупотребат семејните и другите лични трагедии. И не им беше тешко да уриваат, да уништуваат. Да деградираат цел еден систем. Отровот кој се посеа во општеството предизвика омраза, завист и нетрпеливост. Ветуваа чуда, а сега кога се на власт молчат за неправдите, ладнокрвните убиства ги третираат како статистичка евиденција во црните билтени, за владата тоа се обични насилства, а не свирепи убиства“. Ова денеска го изјави лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој потенцираше дека „Нема ниту датум за преговори со ЕУ, ниту безусловна покана за НАТО, а нема затоа што имаме неспособна влада“.
„Мора да престанат поразите, а одговорот за тоа е секој еден од вас. ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да се бори со сите свои сили против ова зло кое што го живее секој еден граѓанин. Затоа и ќе продолжиме да протестираме и ве повикувам оваа недела во 13 часот во Кавадарци на протестен марш“ – рече меѓудругото Мицкоски.