Ќе ми кажеш ли која музика да ја пуштам – Јулијана МАРИНКОВИЌ

Сподели

ЌЕ МИ КАЖЕШ ЛИ КОЈА МУЗИКА ДА ЈА ПУШТАМ
.
Прости,но некогаш помислувам
дека сум варварка
со лик на жена
Вие сакате варварка? A?
Или музиката не е соодветна
за разговор
Еве,ќе бидам Манон Леско
Ќе замислам дека ти си моја
неутешна тага
Ма јок,се премислив,
не сакам да умрам во твојата прегратка
Ќе бидам,ќе бидам,
оградена градина,
а ти остров на радоста
Всушност,многу ми е брутална
оваа мечта,
ќе бидеме пак далечни
Нека бидам Јулија
а ти Габриел Димон
Ајде да повториме!
Ќе ги замолкнеш
ли водите тогаш?
Тоа е парадоксална тема,
добро го гледам тоа
по гримасите на твоето лице
Ма нека бидам варварка,
а ти пушти го де Фаља
да го изиграме
волшепството на љубовта
Добра ли е оваа идеја
или сакаш да бидам цвет?
Не ти чини и тоа?
Тогаш биди здодевен
и испраќај ми по еден цвет
секое утро
А јас во иднина ќе мислам
каде е клучот на твојата поезија
Ти си луда Јулијана,
престани веќе еднаш!
Добро,добро
Тогаш пушти го Моцарт

Ќе го слушаме Requiem.
.