Активистите кои се за заштита на парк-шумата Водно, бараат да се тргне градежна механизација од таму, додека не се добие конечна одлука од страна на Владата за изградба на гасоводот од таму.
„Бараме од Владата, преку која било правна основа, да го стопира тоа одобрение за градба кое е издадено. Имаме засегнати страни кои не се согласуваат со таа градежна дозвола. За се друго што ќе се одвива, сметаме дека Владата донела премолчено решение, за кое, под притисок ги игнорираат одредени засегнати страни и еднострано одлучуваат да продолжат“, изјави Татјана Стојановска од иницијативата „Го сакам Водно“.
Тие бараат стручна, а не општа студија од Министерство за животна средина, со нова оценка како изградбата на гасовдоот ќе влијание на животната средина на заштитено подрачје.
„Македонски енергетски ресурси ги има обезбедено сите документи, но нема обезбедено документ кој бара дозвола за работа во заштитено подрачје. Има дозвола од градба, но во ниту еден момент не е земено предвид дека е заштитено подрачје. Оценката за влијание врз животната средина, која е одобрена од Министерство за животна средина и просторно планирање, е изработена од 2011 година и е општа“, додаде Стојановска.
Во однос на изборот на Водно како траса, за која Владата вели дека е најкратка и најисплатлива, активистите велат дека финансискиот и временскиот аспект за трасата да поминува на јужната, наместо на северната страна, не може да бидат над деградацијата на нашето природно богатство.
„Мора да се ревидира и да се направи добра анализа изборот на траса дали мора да биде од јужната страна и дали има опции да се изведе од северната страна. Ако има промена на основниот проект, како што Владата понуди втора траса, мора да бараат одобрение за градба, не можат да продолжат на тој начин“, потенцираше Стојановска.
Од Владата реагираа дека во овој момент нема градежни активности на Водно, а механизацијата е присутна на локацијата веќе четири месеци.
„Во тек се единствено подготвителни активности за препроектирање на трасата, со цел обезбедување нова траса со која ќе се обезбеди максимална заштита на животната средина. Во наредниот период планирани се активности во деловите каде не е предвидена измена на трасата, односно деловите каде нема загрозување на животна средина“, соопшти Владата.
Оттаму додаваат дека новата траса ќе предизвика поголеми трошоци, но по таа цена ќе се обезбеди најмала можна штета врз животната средина. Како компензација на оштетената вегетација, ќе се засади нова, во неколкукратно поголеми количини, ќе се оформат нови заштитни подрачја на Водно кон Матка, а ќе се пошуми и јужната страна.
„Дефинирање целосно нова траса за овој гасовод не е можна,бидеjќи тоа ќе донесе неколкукратно поголеми проблеми и штети за државата и за граѓаните: губење време за реализација на гасоводот, правни проблеми со експропријација на земјиште, губење на заемот со исплата на дополнителни големи камати, сериозно одложување на реализација на еколошкиот проект-гасовод, и со тоа поттикнување натамошно греење со огревни дрва, наместо со гас, што ја загрозува животната средина.Гасоводот e типичен еколошки проект кој ќе има сериозно позитивен ефект за животната средина“, се вели во соопштението.