Палмер: Опозицијата на Договорот да гледа стратегиски – да ја стави Македонија на прво место

Сподели

Метју Палмер, в.д. заменик-помошник на Државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, по вчерашните средби со Христијан Мицкоски и со премиерот Зоран Заев, упати порака на опозицијата дека треба сериозно да размисли што нуди Договорот со Грција за Македонија.

Тој се обрати и до македонскиот народ, дека треба да се искористи моментот за историски важна одлука.

-На опозицијата и порачав и ќе продолжам да ја пренесувам таа порака дека на оваа ситуација треба да ја гледа стратегиски, да ја стави Македонија на прво место, и да мисли за иднината на младите луѓе, каква иднина нуди Договорот од Преспа како европска иднина на Македонија, рече Палмер по средбата во Владата со Заев.

Тој претходно се сретна со Мицкоски и со претседателот Ѓорге Иванов.

Американскиот дипломат изјаи дека референдумот за Договорот од Преспа е историски момент за Македонија и порача оти се надева дека граѓаните ќе излезат на референдумот да го кажат својот став.

„Македонија веќе доби историска покана од страна на НАТО, а доби и јасен пат за пристапни преговори со ЕУ. Референдумот на 30. септември ќе биде важен датум. Се надеваме дека граѓаните ќе излезат да гласаат да го кажат својот став и дека ќе го направат тоа во атмосфера ослободена од дезинформации и обесхрабрување. Ова е навистина историски момент за Македонија и Договорот од Преспа ја отвора европската иднина за Македонија – рече Палмер.

meta.mk