Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за телевизијата „Канал 5“ вчера рече дека до 10. септември ќе соопшти дали ќе го повика членството да го бојкотира референдумот за името на 30. септември, или пак да гласа против или за. Тој исто така негираше дека неговата партија барала амнестија. На неговите тврдења реагираше СДСМ, порачувајќи дека сепак Мицкоски потврдил дека неговата партија барала амнестија на криминалот.
Во интервјуто тој порача дека тврдењата на власта за наводно барање на амнестија од страна на опозицијата се лага. Тој рече дека со ваквите тврдења кореспондираат со криминалите и скандалозните тендери кои ја тресат владата на СДСМ, а со тврдењето за барање на амнестија Заев и СДСМ се обидуваат да го оттргнат вниманието на јавноста од актуелните скандали.
– Не е точно дека ВМРО-ДПМНЕ нема став по ова прашање. Во минатото во многу наврати го има кажано и повторено својот став што се однесува на принципот за промена на Уставот а со цел промена на уставното име. Впрочем кампањата за референдумот почнува на 10 септември. Дотогаш се надевам дека оваа акција ќе трае така што јавноста благовремено ќе биде информирана за сите чекори на ВМРО-ДПМНЕ – рече Мицкоски за референдумот.
„Прашањето на референдумот е јасно и едноставно – иднина или изолација. Доколку Христијан Мицкоски има малку одговорност и сериозност, јавно ќе излезе и ќе каже за која опција навистина е. Обединети се сите политички партии кои навистина се за ЕУ и НАТО, а само Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ се изолирани и се против интергација, во обид да одбранат криминал“, велат од СДСМ.