Пред да ги види телата на четирите убиени момчиња кај Смиљковското Езеро, загрозениот сведок Е1 слушнал и повеќе истрели, рече тој на денешното судско рочиште за случајот „Монструм”. Сепак сведокот потенцираше дека не видел кој пукал, а прашан зошто сега првпат кажува дека слушнал истрели, рече дека не бил прашан.
Адвокатот Насер Рауфи реагираше дека сведокот досега сведочел осум пати, а се до минатото рочиште не кажал дека видел тела или дека слушнал истрели.
„Од денешниот исказ на загрозениот сведок испаѓа дека тој ги слушал истрелите, а мислам дека одговори и дека дури и видел кој пука, но потоа се премисли и кажа дека не видел. Јас сум сигурен дека и знае кој пукал, но не знам од кои прични не ги посочува тие што се извршители на ова дело“, рече Рауфи.
Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи реплицираше дека тоа е така зашто сега првпат му се поставени такви директни прашања.
За екстрадиција на двајцата обвинети во случајот „Монструм“, Африм Исмаиловиќ и Алил Демири кои се наоѓаат во Косово, Рауфи истакна дека е сигурен оти до тоа нема да дојде и смета дека не треба зошто, како што кажа, стнува збор за очигледно невини луѓе.
На 12 април 2012 кај скопското Смиљковско Езеро беа убиени Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Тричковски (на возраст од 18 до 21 година), сите од Радишани, Скопје, и 45-годишниот рибар Борче Стевковски од Црешево.