Кинотека на Mакедонија: Филмови за ’68 – Половина Век од Полов(н)ата Револуција

Сподели

Кинотеката на Македонија во соработка со Амбасадата на Република Чешка во Македонија, Чешкиот центар во Софија и Македонската Радио и Телевизија Ве покануваат на: Филмови за ’68: Половина Век од Полов(н)ата Револуција

Што и зошто се случило пролетта и летото во 1968 година? Бурните протести на младите и младите, од САД, преку Париз и Берлин, до Прага и Белград, колку што ја носат идејата за револуционерна промена на светот како подобро место за живеење, толку и се тотално различни во локалната инспирација.

Протестите во САД се против учеството во војната во Виетнам, во Париз се бара културна рееволуција по примерот на Кина предводена од Мао Цедунг, младите во Германија за првпат ги прашуваат родителите колку и како учествувале во нацистичката димензија на земјата, Чехословаците поведуваат национален бунт против догматскиот комунизам предводен од СССР, студентите во Белград се незадоволни од растот на црвената буржоазија и бараат поправеден комунизам… И, да, во поголемиот дел од овие бунтови забележлива е револуцијата за сексуалните слободи и половата рамноправност.
Како може да се суди за ’68 половина век подоцна? Сведоци сме на воени интервенции низ светот како никогаш порано, сексот одамна стана индустриска гранка, економските поделби во општествата на разни меридијани се никогаш поголеми.
Стојан СинадиновФилмовите во следните четири вечери се само дел од таа бунтовна атмосфера во 1968 година.

17 септември (понеделник) 20:00 ч.
СЛУЧАЈ ЗА НЕИСКУСНИОТ ЏЕЛАТ
(Prípad pro zacínajícího kata/Case for a Rookie Hangman)
Игран филм, Чехословачка
1970 г., 102 мин., црно-бел, ДСП
Режија: Павел Јурачек (Pavel Jurácek)
Сценарио: Павел Јурачек (Pavel Jurácek), според новелата на Џонатан Свифт (Jonathan Swift)
Улоги: Лубомир Костелка, Клара Јернекова, Милена Захриновска (Lubomír Kostelka, Klára Jerneková, Milena Zahrynowská)
Филмот СЛУЧАЈ ЗА НЕИСКУСНИОТ ЏЕЛАТ на Јурачек е дел од чешкиот нов бран и жанровски може да биде дефиниран како надреална и апсурдна сатира на чехословачкото соцреалистичко општество од крајот на шеесеттите години на минатиот век. Главниот лик Лемуел Гуливер (Лубомир Костелка) патува со автомобил низ непозната земја, доживува сообраќајна несреќа, па неговата авантура низ чудните предели ја продолжува пеш. По пат среќава исто тплку чудни луѓе, или, поправо, суштества, како мртвиот зајак Оскар облечен како човек, од кого го зема часовникот. Наидува на полуразрушена куќа која му ги враќа болните спомени за љубеното девојче Маркета (Клара Јернекова) од детството, кое во меѓувреме се удавило.
Гуливер пристигнува во земјата наречена Балнибарби, кадешто владејат чудни закони и правила, и тоа токму на денот кога на жителите им е наредено да молчат, а потоа е подвргнат на мачни сослушувања, без шанси да докаже дека тој не е зајакот Оскар, чиј часовник го наоѓаат во неговиот џеб…

18 септември (вторник) 20:00 ч.
АГРЕСИЈАТА
(Агресията, Aggression)
Документарен филм, Бугарија
2015 г., 101 мин., колор, ДСП
Режија: Ана Петкова (Анна Петкова)
Сценарио: Калина Андролова, Ана Петкова (Калина Андролова, Анна Петкова)
Темата на документарецот „Агресијата“ е однесувањето на дел од бугарските граѓани во периодот на загушувањето на Прашката пролет со инвазијата на трупите на Варшавскиот пакт во август 1968 година.
На 29 октомври тројца студенти од Универзитетот во Софија се уапсени. Станува збор за Едвард Генов, Александар Димитров и Валентин Радев, слободоумни момчиња кои не прифатиле да живеат со лагите на пропагандната машинерија, туку отворено говорат за вистината на Прашката пролет. Филмот АГРЕСИЈАТА го поставува прашањето дали шеесетиосмата година се случила и во Бугарија?
Режисерката Ана Петкова ќе биде гостинка на проекцијата на филмот.

19 септември (среда) 20:00 ч.
СОНУВАЧИ
(The Dreamers)
Игран филм, Велика Британија, Италија, Франција, САД
2003 г., 115 мин., колор, 35 мм
Режија: Бернардо Бертолучи (Bernardo Bertolucci)
Сценарио: Жилбер Адер (Gilbert Adair)
Улоги: Мајкл Пит, Ева Грин, Луис Гарел (Michael Pitt, Eva Green, Louis Garrel)
Американецот Метју (Пит) е на студентска размена во Париз, каде што го учи францускиот јазик. Во париската Кинотека ги среќава младите и слободоумни Тео (Гарел) и Изабел (Грин), брат и сестра, неконформистички настроени припадници на француското високо општество. Родителите на Тео и Изабел заминуваат на подолг одмор, па Метју се преселува во нивниот декадентен апартман. Надвор на улиците се случуваат мајските студентски демонстрации и жестоки судири со полицијата, а во апартманот се развива необичен љубовно-инцестуозен триаголник…

20 септември (четврток) 20:00 ч.
ИЗБОР ОД ФИЛМСКИ НОВОСТИ ЗА ‘68
Документарни филмови, СФР Југославија
1968 г., 60 мин, црно-бели, 35 мм
Изборот од журналите на Филмски новости (Филмске новости) го опфаќа периодот на турбулентната 1968 година, во кој дефилираат тогашните највисоки политички раководители, предводени од Јосип Броз Тито.
Настаните забележани во Филмски новости ги опфаќаат седниците на републичките и сојузните политички раководства на владејачкиот Сојуз на комунистите, испраќањата и дочеците на Тито во странство, општествените активности, отворањето прозиводни капацитети и туристички кампови, протести против американската воена интервенција во Виетнам и против интервенцијата на трупите на Варшавскиот пакт, предводени од СССР, во Чехословечка, судбината на туристите од таа земја, кои останале заробени во Југославија…

21 септември (петок) 20:00 ч.
Утопија 1968 – Годината со килибарна надеж
Документарен филм, Македонија
2018 г., 58 мин., црно-бел/колор, ХД
Реализација: Никола Т. Калајџиски, Аристид Филактов
Дваесет години по Втората светска војна светот повторно се најде на пресвртница. Се појавија некои „нови клинци“, слободоумни луѓе, кои беа реални и го бараа невозможното. Нивниот сон заврши како утопија во Париз, Прага, Белград, низ Северна и Јужна Америка… Со овие зборови новинарот Калајџиски нè воведува во неговата приказна за бурната 1968 година во светот, за потоа да запраша: „Што е слободата? Идеал,привилегија, стекнато право или сон!?“.
За утопијата како светот низ директниот ангажман на младите да се направи подобро место за живеење во документарецот говорат професорите Денко и Мирјана Малески, режисерите Владимир Милчин и Слободан Унковски, политичарите Стојан Андов и Тито Беличанец, новинарите и аналитичари Сашо Орданоски, Владимир Лапе, Ѓунер Исмаил…
Филмот е посветен на Јан Палах, сонувачот од некогашна Чехословачка, кој во знак на протест против советската инвазија врз неговата земја, се самозапали во Прага во 1969 година.