Баздникин: Република Македонија доживува клучен момент во својата историја

Сподели

Новоименуваниот руски амбасадор во Скопје, Сергеј Баздникин, порача дека Република Македонија доживува клучен момент во својата историја и дека од одлуките кои ќе бидат донесени во наредните неколку недели ќе зависи иднината на Република Македонија.

– Од голема важност е тие да бидат донесени строго во рамки на Уставот, а не да ја уриваат правната држава. Да претставуваат недвосмислен одраз на волјата на граѓаните на Република Македонија, а не да бидат наметнати однадвор. Да го обединуваат, а не разединуваат општеството. Да почиваат на фундаменталните принципи на меѓународното право зацртани во Повелбата на ООН, а не на политичката конјунктура – рече амбасадорот Баздникин во својот говор при предавањето на акредитивното писмо на шефот на државата Ѓорге Иванов.

Иванов истакнал дека македонско – руските односи, кои имаат долга и богата традиција на искрено пријателство и меѓусебно разбирање, и натаму успешно ќе се развиваат и интензивираат во сите сфери од взаемен интерес.

– Национален интерес на Република Македонија се евроатлантските интеграции, но едновремено придаваме големо значење на севкупното продлабочување на односите со Руската Федерација, со посебен акцент на економската соработка. Оттука, очекуваме натамошно интензивирање на соработката, особено во делот на енергетиката, земјоделството, градежништвото и туризмот, како и инвестициските активности – Иванов.