На полноќ завршува кампањата за референдумот

Сподели

Јавната пропаганда за референдумот што ќе се одржи во недела завршува вечерва на полноќ. Дотогаш треба да завршат сите активности на учесниците во кампањата и од полноќ започнува предизброниот молк.

 

Коалицијата „Излези ЗА европска Македонија“ вечер завршен собир има во Тетово, движењето Беса во скопски Чаир, а прес-конференции најавија Алијансата на Албанците. Прес-конференција ќе одржи и координативното тело против референдумот при Светскиот Македонски конгрес кое повикува на бојкот на референдумот.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги вчера извести дека кампањата „Твој став, твое право“ на Државната изборна комисија, како кампања од јавен интерес не спаѓа во јавната пропаганда за референдумот и може да се емитува и во петок и во сабота иако веќе ќе биде молк пред референдумот.

– Ве известуваме дека АВМУ испрати известување до сите радиодифузери, во кое им посочи дека едукативната и информативна медиумска кампања „Твој став, твое право“ на Државната изборна комисија не се смета за платена јавна пропаганда за Референдумот и од тие причини можат да ја емитуваат и во деновите на референдумот, се вели во одговорот на АВМУ на барањето на ДИК.

Според Роковникот на ДИК молкот пред референдумот започнува 48 часа пред одржувањето на референдумот.