СТАВ: МАТЕМАТИКА – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

 

Референдумот наликуваше на трка со еден коњ. Едниот од тркачите со болен коњ нашол оправдување дека се откажува од трката оти не му се допаѓа хиподрoмот. Тој стоејќи на стартот вика дека победил, иако самиот коњ што трчал постигна рекорд.

Да излезеше и ВМРО и да се постигнеше излезеност на околу 950.000, веројатно тогаш ќе имавме повеќе од 700.000 гласа ЗА. Логичната матeматика покажува дека гласањето во полза на поддршка на Референдумот е на ниво, дури ги надминува сите резултати од досегашните победи последниве 10 години (парламентарни, локални, претседателски).

Ако се земат предвид објективните параметри од претходните избори, сега имаме рекорден број на поддржувачи. Дури повеќе отколку за време кога секој административец принудно морал да најде 15 гласачи. Сега бројката на граѓаните што се изјасниле ЗА (над 600.000) е многу повисока во споредба со сите досегашни рекордни победи од кој и да е политички блок.

Но, факт е дека имало и одредени пропусти во смисла на кампањата, каде што требаше да бидат ангажирани повеќе значајни луѓе, непартиски, со што појасно ќе се пратеше пораката дека се работи за општ интерес, а не за партиски. Реално, албанските политички партии не се снајдоа како што треба, а од некои, луѓето веќе се изморени. Бројни граѓани од оваа заедница како да се во голема апатија, првенствено од секакви лажни ветувања, а децата им завршија надвор.

Башка, улогата на опозицијата која не смогна сили да се соочи фронтално за или против, па морала да се бори со кукавички јајца. Сакајќи да го урне цензусот (и тоа, не само како партиска калкулација, туку и како услуга за путинизам), опозицијата и пукна на државата на чело, газејќи по авторитетот на Меркел, Столтенберг, Спенс, Макрон, Курц итн. А тоа е ептен лошо.

Исто така со ваков избирачки список, каде што најмалку третината од запишаните избирачи живеат надвор, сериозно се пореметуваат основните механизми на една елементарно функционална демократија. Но, сега веќе нема време за тоа. Треба да се формира проевропска коалиција и на избори. Па тогаш нека му ја мислат бојкотирачите.