УНИЦЕФ: Генерација без граници со иницијатива „Крај на насилството врз децата и меѓу децата“

Сподели

Младите треба да се вклучат во глобалната иницијатива „Генерација без граници“ и да осмислат решенија за спречување на насилството, вклучувајќи го и врсничкото насилство и насилството преку интернет.

Ова го соопштија од канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, од каде наведуваат дека победничките кандидати ќе придонесат кон успехот на светската иницијатива „Генерација без граници“, која претставува ново, амбициозно партнерство почнато за време на 73. седница на Генералното собрание на ОН, со цел секој млад човек да се вклучи во квалитетно образование, обука или вработување до 2030 година.

– Младите се често најдобрите пронаоѓачи, креатори и иноватори. Се надеваме дека овој предизвик ќе инспирира неверојатни идеи од земјава со кои ќе се придонесе кон глобалната иницијатива за решавање на некои од најгорливите предизвици со кои се соочуваат младите денес- рече заменик-претставник на УНИЦЕФ, Елспет Ериксон.

Во светот околу милијарда деца доживуваат некаква форма на насилство. На половина од тинејџерите им се случува насилство од страна на врсниците во и околу училиштето. Во Македонија фокусот ќе биде на решенија за „Крај на насилството врз децата и меѓу децата“. Половина од децата на возраст од две до 14 години доживуваат физичко казнување во домот и каде осум од 10 родители велат дека користат насилни методи (психолошко или физичко казнување) за воспитување на децата. Насилството меѓу врсниците, исто така, се случува секојдневно. Дури 42 отсто од машките и девојчињата на возраст од 13 до 15 години изјавиле дека биле малтретирани на училиште и/или дека биле вклучени во физичка пресметка, истакнуваат од УНИЦЕФ.

Насилство се случува и на интернет, каде сторителите остануваат анонимни, но последиците се разорни.

Од УНИЦЕф посочуваат дека успешните, младите, креативни иноватори ќе бидат поканети да учествуваат на работилница во Скопје, од 16 до 18 ноември на која ќе се разработат идеите. По работилниците, ќе бидат избрани пет најнадежни идеи за кои ќе се доделат до 1.000 американски долари и ќе се обезбеди менторство и поддршка при спроведување на проектите.

На пролет во 2019 година избраните проекти од секоја земја ќе влезат во рамки на глобалниот конкурс. Овие проекти ќе добијат дополнителни 20.000 долари инвестиции, заедно со прилагодена менторска програма од партнерите на „Генерација без граници“ како поддршка кон нивно проширување.