На Алексис Ципрас и на Зоран Заев ќе им биде бадијала и Нобеловата награда за мир, дури и ако успеат да покажат и да докажат дека по мирен пат со уважување и компромиси се решаваат и најтешките и нерешливи спорови меѓу државите. Тоа подолг период ќе им биде само додавка на биографијата за домашна употреба и ништо повеќе. Светот може да ги велича и да им оддава признанија колку што сака, ама во нивните татковини ќе треба да помине извесно време тоа да се признае и препознае. Омразата и делбите, тешките и болни историски наслаги во свеста на луѓето кои постојано се подгреваат од големите патриоти се посилни од сите награди, па макар биле и Нобелови.
Со децении политичарите, но и интелектуалци во двете земји во битките за власт и кариери ги разгоруваат и ги одржуваат под висока температура омразите, пренесувајќи ги од генерација на генерација страдањата од војните. Резултатот од тие огнови што повторно се разгореа се видоа и на референдумот како најсилен доказ за поделеноста на македонското општество. Апстиненцијата и бојкотот на консултативен референдум од една страна се прогласени за победа и доволен аргумент за поништување на договорот со Грција, а од друга страна определбата на над 90 отсто од граѓаните што гласале „за“ се смета за силна и јасна порака на граѓаните дека иднината на Македонија е во ЕУ и во НАТО. Крајниот резултат е на хоризонтот, нова политичка криза и натамошни делби и омрази.
….
Има многу причини зошто ни Нобеловата награда за мир на „селанчето од Струмица“ не можат да му ја простат не само македонските лажни патриоти, туку и некои „поддржувачи“ од негова близина. Во Македонија уште не може да се прости успехот, па макар ќарот бил заеднички на сите. Она што вистински е непростливо е пазарење со криминалците од високите редови на претходната власт. Мафијашки договор со размена на двотретинска одлука во Собрание за амнестија на арамии што го ограбија народот и ја осиромашија Македонија би било самоубиствен чин и голем дебакл на изборите кога и да се одржат. Одолговлекувањето на судските инстанции во носење на пресуди опасно смрди на тоа.
Колумната на Ерол Ризаов, во целост прочитајте ја тука