ЗАЕВ: Низ инклузивна дебата ќе победи прогресивниот елемент

Сподели

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека не може да потврди дали е постигнато двотретинско мнозинство за донесување на уставните измени кои се обврска од договорот од Преспа, но изрази оптимизам дека низ инклузивна дебата, како што рече, ќе победи прогресивниот елемент.

– Тоа не може никој да го каже. Тоа може да се каже на моментот на одлучувањето, секако низ дебатата во Парламентот. Јас верувам и ќе видиме сите дали тоа мнозинство постои или не. Нема да дозволиме ништо да се упропасти. Ние разговаравме со многу пратеници, лично јас разговарав, а и пратеници со пратеници и видовме дека постои една убава прогресивна маса на пратеници која што е доволно сериозен мотив и причина да ги отвориме постапките како што тоа вчера Владата го направи. Овие денови се надевам Парламентот брзо ќе закаже Уставна комисија да може да се отвори дебатата. Јас очекувам и низ креативниот дел на пратениците преку уставна дебата да се создава атмосфера благопријатна за сите за да може да се формира тоа двотретинско мнозинство кое што би требало да се формира по природен пат, рече Заев.

Тој додаде дека во тој контекст мора да ги отстрани, како што посочи, сите шпекулации што надвиснале над главите на многу пратеници за некакви пари, незгодни состојби…

– Реков и порано, ова мора да оди во благопријатна атмосфера, во атмосфера на понесување на одговорност и одлучност за иднината на Македонија. Ако сме навистина за НАТО и ЕУ, еве сега институциите низ Парламентот ќе треба тоа да го направат. Владата тоа го направи, сега на ред е Парламентот, рече Заев, посочувајќи дека и граѓаните, оние кои излегоа да гласаат, го одредија правецот по кој треба да се движи државата.

Тој уште еднаш повтори дека пратениците се на ред и дека верува во инклузивен процес, во интегрираност внатре на сите, дека ќе доминира прогресивниот дел.

– Она што мене ми е важно сите да се носиме со одговорноста што е исправена пред нас. Таа одговорност е пред се пред граѓаните и пред државата и таа е првата и примарна одговорност што сите ја имаме. Апелирам до сите политички чинители, до сите учесници во процесот да се носат со нивото на историската одговорност која е исправена пред нас. Убеден сум дека низ пријатна атмосфера и инклузивен, интегрирачки процес во самиот Парламент ќе испратиме уште еднаш позитивна порака пред се до нашите граѓани, но и до сите пријатели каде што сакаме да припаѓаме, а тоа се земјите членки на ЕУ и НАТО дека сме зрело општество кое знае каква ни е иднината и практично покажува дека е навистина за НАТО и ЕУ. Сето друго би било само гола флоскула и политиканство, рече Заев.

Тој ги отфрли како невистинити тврдењата дека се обезбедени 82 пратеника и рече дека процесот не се сведува на математика и бројки, туку треба да се одвива во разговор и мотивација и определба за одговорност.

– Процесот ќе се случува во Парламентот и јас верувам дека тоа ќе изнедри поголемо мнозиство од две третини или двотретинско мнозинство што ќе биде сосема доволно за во првиот наврат да се утврди потребата од уставните промени. Потоа се изработуваат уставните амандмани коишто низ комисиите и јавните дебати доаѓаат на гласање во Парламентот, рече премиерот Заев.

Повтори дека сите надежи ги полага во Парламентот, но како последна опција остануваат брзи предвремени избори.

– Јас сум оптимист и сум релаксиран. Македонија го живее времето убаво историско каде што граѓаните имаат можност и право да одлучуваат. Одлучија. Вчера Владата одлучи, а сега Парламентот ќе одлучува. Назад враќање нема затоа што нема друга алтернатива и опција од интеграцијата во ЕУ и НАТО, порача премиерот Зоран Заев.

Според него, вистинската опција е Парламентот, бидејќи на Македонија не и требаат нови избори.

– Во јавноста доминира дека тоа е таа опција. Вистинската опција е Парламентот. На Македонија не и треба да се трошат нови два-три месеца и сите знаат ако одиме на избори кој ќе победи и какво мнозинство ќе има, дека ќе биде двотретинско. Ама два три месеци отишле. Не траба ниту еден ден да и истрошиме на државата. Роковите се јасни, Деловникот е јасен, а за други рокови ако не дај Боже треба да разговараме ќе има време да разговараме. Верувам дека јавноста е заморена од избори, а не само економијата на која не и требаат избори, рече Заев, кој денеска учествуваше на дебатата насловена: „Мостови или ѕидови? Макаденија и Западниот Балкан во Европа“, организирана во рамки на Форумот за граѓанско општество Скопје 2018.

 

https://www.facebook.com/MakedonskaInformativnaAgencija/videos/2128266117440065/

МИА