На втората седница на заедничката комисија на Бугарија и Македонија за образовни и историски прашања не се разговарало за отстранување на името „Македонија“ од учебниците во Бугарија, порача претседателот на Комисијата, Ангел Димитров, демантирајќи ја информацијата од една политичка партија, која се повика на македонски медиум, како „неточна интерпретација“.
На седницата се разговарало за учебниците во двете земји и за заедничките одбележувања на празници, но не се донесени конкретни решенија.
– Забелешките од страна на Бугарија за учебниците во Република Македонија се многу повеќе од нивните. Комисијата уште е во почетна фаза на работата. Слободно можам да кажам, и тоа е сосема коректно кон колегите од Скопје, дека не сме стигнале до ниту едно сериозно, крајно решение или до заклучување на темите кои сме ги разгледувале – рече професор Димитров за бугарското радио „Дарик“.
Тој појасни дека претставниците на двете страни во Комисијата се договориле да предложат заеднички датуми или настани коишто двете влади треба да ги одобрат за заедничко чествување во двете држави.
– Вклучително и датуми сврзани со Цар Самуил – објаснува Димитров.
Претседателот на заедничката комисија вели дека е планирана размена на дополнителни пишани белешки и дури потоа ќе може членовите да се произнесат за редица прашања.
Прашан како ги оценува колегите од македонска страна, професорот вели дека не е коректно да ги коментира колегите персонално, но смета дека од комисијата е нехомогена, од гледна точка на пристрасност и предрасуди. Сепак, сите се професионалци, вели тој.
– Задачата на комисијата е со размена на аргументи да се стигне до историската коректност – вели Димитров.