Загрижени од „подемот на национализмот и конзервативизмот” и „враќањето наназад” по прашањето за пристапот до абортус, 343 жени од 28 држави во Европа потпишаа манифест за легално и безбедно право на абортус во целата Европска Унија.
Меѓу потписничките има феминистки, универзитетски професорки, граѓанки и пратенички, главно од левицата и од зелените. Со манифестот, тие сакаат да го почитуваат познатиот манифест, со кој во 1971 година 343 Французинки изјавија дека направиле абортус, кој тогаш бил предмет на кривично гонење.
Насловен „Мое тело, мои права”, документот го објави неделникот „Обс“, кој пред 47 години го испечати првиот манифест.
Во текстот се вели дека правото на легален и безбеден абортус е извојувано во повеќе европски земји, но во некои други држави жени се уште немаат права на сопствените тела.
„Со овој апел одбиваме да отстапиме пред назадната политика на континентот“, велат 343-те потписнички на манифестот.
Абортусот останува целосно забранет во Андора, Малта, Сан Марино и Ватикан, дури и во случај на силување, инцест, оштетување на плодот и опасност за животот на мајката.