Деновиве сите очекувања се свртени кон опозициската ВМРО-ДПМНЕ, со надеж дека нејзините пратеници ќе покажат одговорност во парламентот и ќе дадат поддршка на уставните измени кои се обврска од Договорот од Преспа. Вчера помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Вес Мичел, ја изрази „разочараноста на САД од позициите на челниците на ВМРО-ДПМНЕ, како во однос на референдумот, така и во врска со чекорите во Собранието за промена на Уставот“.
„Ве поттикнуваме да создадете простор, во јавноста и приватно, за пратениците од Вашата коалиција да одлучат како ќе гласаат за уставните промени, ослободени од закани од насилство, одмазда, или друг облик на принуда“, порача Мичел во писмо до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Христијан Мицкоски во разговор за Дојче веле објаснува дека „во текот на денов“ ќе даде коментар/одговор на пораките од писмото. Но, има став за одбиеното барање да им се обрати на пратениците во парламентот.
ДВ: Што е она што досега не сте го соопштиле или не можете да го кажете на прес-конференција и со видео-обраќање, па ја побаравте и говорницата во парламентот?
– Бидете трпеливи, денес-утре ќе го слушнете забранетиот говор и сето она што сакам да и го соопштам на јавноста како моја порака.
ДВ: Зошто го дефинирате како „забранет говор“, кога Деловникот не предвидува можност за ваше обраќање во Собранието?
– Јас знам дека во парламентот досега биле дозволени обраќања на многу личности кои не биле пратеници. Во изминатиот период се обрати Могерини, се обрати Столтенберг… Ако можеа странски претставници да се обратат, не разбирам зошто не може да се обрати и лидерот на најголемата опозициска партија? Во доцните деведесетти се обратија и студентите, и имаме многу други примери во минатото. A само еден ден претходно од премиерот чувме пораки за помирување, простување…
ДВ: Но, Заев не е домаќин во парламентот, не може тој да ве кани…
– Како и да е, јавноста ќе ја слушне мојата порака многу брзо преку забранетиот говор.
ДВ: Во контекст на помирувањето, вашиот потпретседател, Митко Јанчев, вчера порача дека е потребна амнестија на обвинетите за 27-ми април. Се согласувате ли со тој став?
-Ние јасно го кажавме партискиот став. Тоа што го кажал Јанчев е негов личен став. Тоа истото го слушнавме и од премиерот. Таа понуда не е ни витешка, ни чесна. Ние веруваме во правда и правдина и не признаваме никаква трговија со правото и правдината. Обвинетите се невини жртви на политички прогон од страна на Зоран Заев и СДСМ. Заев во неговиот говор имаше можност ним и на нивните семејства јавно да им се извини за сѐ што претрпеа тие во изминатата година, но тој одлучи во негов манипулативен стил да условува, поддржете го Договорот со Грција и потоа ќе има амнестија. Срамота…
ДВ: Да се извини на оние кои влегле во парламенот со намера да убијат?
– Колку што знам веќе има осудени лица за тоа. Јас зборувам за пратеници, уметници, за обични граѓани, за невини жртви…
ДВ: Има ли шанса заедно со Заев да најдете заеднички јазик за Договорот од Преспа?
– Има шанса да констатираме дека Договорот е мртов. Секое натамошно силување на овој процес само ќе произведе дополнителни тензии и поларизации во општеството, а единствен виновник за тоа е Зоран Заев кој ветуваше нешто што не може да го исполни. Како пропадна предлогот ‘Илинденска Македонија’? Ципрас рече дека нема 151 пратеник што ќе го прифати тој предлог т.е. дека нема мнозинство во грчкиот парламент. Зошто Заев не рече: ‘Немам двотретинско мнозинство, и не го прифаќам предлогот Република Северна Македонија’!?
ДВ: Претставниците од земјите стратегиски пријатели на Македонија, вклучително и од врвот на Европската народна партија, предупредија дека ако пропадне Договорот од Преспа, вие како опозиција ќе ја сносите целата одговорност за тоа.
– Одговорноста е кај тие што го доведоа Договорот до неуспех. Не е опозицијата таа што ги водеше преговорите, не е опозицијата таа што го доведе Договорот до пропаст, не е опозицијата таа што го урна референдумскиот процес. Владата е таа што го режираше, спроведе и урниса процесот. Затоа, единствен кој треба да понесе одговорност е Зоран Заев. Влезе авантуристички, самобендисано, надмено, без да подготви амбиент, прифати нешто што на никого претходно не му паднало на памет да прифати, и огромното мнозинство граѓани во двете земји си го кажаа своето мислење. Во Македонија имаме катастрофален референдум, а во соседна Грција имаме над 70% од граѓаните кои не го прифаќаат Договорот. Криво засадено дрво, криво и ќе изрти.
ДВ: Меѓународната заедница не гледа вина кај Заев. Акламативно му честитаа за постигнатиот договор и нему, и на Ципрас.
-Јас го кажувам моето мислење. Тоа беше планот А на Зоран Заев. Тоа не беше планот А на опозицијата.
ДВ: А кој е вашиот план А?
– Нема промена на Уставот со цел да се промени уставното име.
ДВ: Извори од вашата партија тврдат дека инкогнито сте биле во Белград на средба со српскиот претседател, Александар Вучиќ, веднаш по неговото враќање од Москва. Наводно, на таа средба требало да ви биде пренесена конкретна порака од Путин, но и честитки за односот на македонската опозиција кон референдумот…
– Хахаха… Категорично демантирам дека сум имал средба со г-динот Вучиќ. Јас навистина бев во еднодневна посета на Белград, но поводот беше од сосема приватен карактер. Патем, тој ден кога јас бев во Белград, господинот Вучиќ беше во посета на Казахстан, така што, со тоа уште еднаш ги демантирам ваквите спинови и шпекулации. Кога ќе имам средба со г-динот Вучиќ таа ќе биде официјална и транспарентна. Не сме ние шверцери па да се криеме, туку сме претседатели на две сестрински партии кои се среќавале и ќе се среќаваат и во иднина.