Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од коалицијата „За подобра Македонија“ денеска на заедничка координација одлучиле да се откажат од дебата која што се води во Собранието на Република Македонија, соопшти партијата.
„Пратеничката група заклучува дека е кажано сè и дека нема потреба од натамошна дебата во однос на предложените уставни измени и Договорот од Преспа кој што беше отфрлен од народот на референдум. Истовремено пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ апелираат и до пратениците од владејачкото мнозинство и тие да се откажат од настапите и да се пристапи кон гласање по предлогот на Владата на Република Македонија за уставни измени“, се вели во партиското соопштение.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, се додава во соопштението, заедно со раководството на партијата едногласно ја потврдиле својата позиција дека ќе гласаат против уставните измени.