Стејт департментот му заблагодари на грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас кој вчера даде оставка, за подобрувањето на грчко-американските односи, како и за неговата улога при постигнувањето на историскиот договор за името со Македонија, пишува грчкиот весник „Катимерини“, повикувајќи се на соопштение.
Поддршка за договорот помеѓу Атина и Скопје дал и претставник од Стејт департментот кој за грчката државна новинска агенција „АНА-МПА“ истакнал дека САД поддржуваат целосна имплементација на договорот, што ќе и овозможи на Македонија да го добие нејзиното место во НАТО и ЕУ како Република Северна Македонија.
„Додека во македонскиот парламент продолжува разгледувањето на уставните измени, ние ги повикуваме лидерите да се ослободат од партиските интереси, да ја искористат можноста и да обезбедат посветла иднина за својата земја“, додава тој.