Интернационалниот театарски фестивал „Скупи“, со своето 12. издание ќе се одржи од 24 до 30 октомври во Младинскиот културен центар во Скопје, под мотото „Отаде границите“.
На фестивалот ќе биде доделена гран-при награда за најдобра претстава за која ќе одлучува тричлено меѓународно жири.
Оваа година ќе гостуваат седум театри од седум европски земји, а фестивалот ќе го отвори претставата „Татко ми го сакаше Адолф“ на Мехмет Краја, во режија на Илир Бокши, во продукција на Театар Гнилане од Косово.
На 25 октомври игра претставата „Кралот Иби“ од Алфред Жари во режија на Горан Јефтиќ, а во продукција на „Девет-фестивал“ од Белград.
На 26 октомври ќе се одигра италијанската претстава „Хамм-лет, студија на ненаситност“ на Џорџо Церути и „Малата компанија на Магнолија“ од Торино, Италија.
На 27 октомври игра „Опасни врски“ на Драмскиот театар „Николаи О. Масалитинов“ од Пловдив, Бугарија, во режија на Константин Еленков.
На 28 октомври, ќе биде прикажана „Мајка и дете“ од Јон Фосе, во режија на Дино Мустафиќ, а во продукција на МАМ фондацијата од Тирана, Албанија.
На претпоследниот ден од фестивалот гостува ЈУ Сараевски воен театар „Сартр“ со претставата „Брашното во нашите вени“ од Игор Штикс, во режија на Борис Лијешевиќ.
Фестивалот ќе го затвори Независниот театар „Проект-чекална“ од Клуж, Романија, со претставата „Окупирај се“ во режија на Космин Матеи.