Прво полувреме: Мицкоски – Мијалков 0:0 – Сашо ОРДАНОВСКИ

Сподели

Хан ни твитна од Финска дека ја поздравува посветеноста на Мицкоски да не го попречува спроведувањето на Преспанскиот договор во Собранието. Мислам дека слична „посветеност“ Мицкоски ѝ беше пренел и на г-ѓа Меркел за време на нивната средба во Скопје, а во врска со „непопречувањето“ на референдумот.

 

Сепак, уште додека траеше тој дваесетминутен разговор на Христијан и Ангела, операцијата за бојкотирање на референдумот детално оперативно се разработуваше во партијата на Мицкоски, под негова субординација, се разбира. Ангела, би се рекло, остана разочарана.

Таа загубена доверба во ветувањата и, потоа, самите постапки на Мицкоски во однос на неговата вистинска внатрешно-политичка и партиска агенда во Македонија, неговите колеги од здружените европски конзервативни партии (ЕПП) непријатно му ја ставија до знаење со демонстративната покана на собирот во Финска да присуствуваат речиси сите „протерани“ кадри по внатрепартиската чистка што ја спроведе Мицкоски во ВМРО-ДПМНЕ.

Мноштво слични сигнали – сетете се само на непријатната средба, „од стоење“, на Груевски со Меркел на Малта, во март 2017 година, на сличен собир како овој сега во Финска – отворено му се праќаа и на претходникот на Мицкоски. Тогаш Груевски реши таквите предупредувања да ги игнорира. Се виде – иако поточно би било да се каже „се гледа“, бидејќи последиците уште се „одмотуваат“ – како и каде (ќе) заврши и партијата и Груевски со својот игнорантски став кон меѓународниот фактор.

На сличен тест е и Мицкоски, дотолку повеќе што е веќе паднат на неколку подготвителни „колоквиуми“ на оваа тема. Сигурен сум дека сега и Хан му го кажува истото на Мицкоски во Финска, како што американскиот потпретседател Џо Бајден му говорел на Груевски за време на нивната непродуктивна средба во Вашингтон во јануари 2011 година: дека да се биде вистински лидер од национален формат треба да се гледа подалеку од дневниот партиски (и личен) интерес. Бидејќи имањето визија е она што ги разликува лидерите од успешните, обични менаџери. Меѓу таа катастрофална посета на Вашингтон на Груевски и почетокот на неговиот пад, со „финалето“ на сегашното заминување на отслужување на, првата, затворска казна, поминаа само неколку, но бурни години.

Што ќе рече дека сегашното дневно менаџирање на кризите низ коишто минува и Мицкоски, дури и независно од успешноста со која можеби мисли дека се снаоѓа во тоа, нема да му го надоместат отсуството на визијата.

Навистина, до сега, во внатрепартискиот судир со Мијалков – откако лекомислено се откажа од помошта што на сопствен ризик му ја понудија реформаторите за демократизирање на ВМРО-ДПМНЕ – Мицкоски покажува добра кондициска подготвеност и влече поволен, нерешен резултат… Противникот му е тежок, бидејќи Мијалков, хируршки одвоен од сијамскиот близнак Грујо, нема што да загуби, тој мора да игра офанзивно, затоа што со одбрана нема да се „квалификува“ за следната фаза од „натпреварите“. Но, крајниот исход од мечот нема да претегне на страната на Мицкоски, доколку во финалето на „Преспанскиот процес“ не покаже дека е над личниот и партискиот интерес.

За тоа, и само за тоа, е разговарано со Мицкоски во Финска. „Исправи се, Делфина, го можеш ти тоа!“, одекнува од трибините додека Мицкоски го плива последниот маратонски километар. Којзнае, не му е доцна и да се удави пред целта…

civilmedia.mk