Бошњаковски: Наводите за азил се лажни – Груевски ќе биде екстрадиран во Македонија

Сподели

 

Груевски ќе се врати во Република Македонија и тука ќе ја отслужи казната. Наводите во барањето за азил се целосно лажни и очекуваме дека унгарските власти ќе ја отповикаат одлуката за азил и дека Груевски ќе биде екстрадиран, изјави портпаролот на Владата Миле Бошњаковски.

Бошњаковски изјави дека постапката за екстрадиција е почната, документацијата е пратена во Владата на Унгарија и дека таа е одделна од постапката за азил, односно двете постапки воопшто не се во корелација.

“Унгарија е земја членка на Европската Унија и на НАТО која досега во сите постапки на екстрадиција кои постоеле помеѓу Република Македонија и Република Унгарија во ниту еден момент не било укажано дека постојат одредени неправилности во судските процеси во Република Македонија, како што е во овој случај со Никола Груевски. Кристално јасно е дека наводите во барањето азил се лажни, барањето за екстрадиција е испратено. Груевски не го бараме само за да ја одлежи казната во Република Македонија, пресудата од две години затвор, туку тој се бара и за повеќе други истраги и судски процеси кои се во тек. Тоа значи дека барањето за екстрадиција е целосно, темелно и овозможува дефинитивно негово враќање во Република Македонија”, рече Бошњаковски.

На прашањето каде се пропустите и кој е одговорен за бегството на Груевски од кое поминаа десет дена, а нема информации, владиниот портпарол одговори дека се водат две постапки во МВР и кога сите информации ќе бидат утврдени, детални и темелни, ќе бидат презентирани во јавност.

Владата вчера дала негативно мислење за предлогот за амнестија кој стигнал преку Собранието од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.

“Предлогот е поставен на целосно погрешни темели. Тој предвидува целосна, општа амнестија за сите учесници. Тие тоа го бараа долго време наназад, нешто што никогаш ниту било ветено, ниту може да биде прифатено од оваа Влада”, рече портпаролот Бошњаковски