Изгласани нацрт-амандманите за промена на Уставот

Сподели

 

Пратениците во Собранието по тридневна расправа ги усвоија четирите нацрт-амандмани за промена на Уставот согласно Договорот од Преспа помеѓу Македонија и Грција.

Утре треба да почне јавната расправа за четирите нацрт амандмани за која се предвидени пет дена, по што Владата ќе треба да ги формулира предлозите за амандманите и да ги врати на усвојување.

На текстот на предлогот на амандманите на Уставот, предлагачот, секој пратеник, работно тело и Владата кога не е предлагач, можат да поднесат амандмани најдоцна 8 дена пред седницата на Собранието, на која ќе се усвојуваат амандманите на Уставот.

Премиерот Заев вчера од Загреб изрази уверување дека процесот во Парламентот ќе заврши успешно што ќе овозможи брзо членство на Македонија во НАТО и почеток на пристапните преговори со ЕУ.

– Верувам дека до крајот на јануари, Парламентот ќе даде поддршка на Договорот со Грција по што ќе следува и поддршката на Договорот и од страна на Грција, како и на Протоколот за членство на Македонија во НАТО. Веруваме дека Хрватска ќе биде една од првите земји што ќе го потпише Протоколот за членство на Македонија во НАТо и дека Македонија ќе биде 30-тата земја членка на НАТО, рекол Заев на средбата со неговиот хрватски колега Андреј Пленковиќ.

Се предвидува дека промените на Уставот на Македонија би можеле да завршат до половината на јануари 2019та, а за да стапат на сила потребно е Грција да го ратификува Договорот од Преспа и пристапниот протокол на Македонија за членство во НАТО.