Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев изрази очекување дека Македонија ќе стане земја членка на НАТО и ќе ги почне преговорите со ЕУ, како и дека следната 2019 година ќе биде и економска година за Македонија. Овие проценки премиерот Заев ги соопшти во телевизиско интервју за „24 вести“.
– Кулминацијата настана во Парламентот и оттука треба да почне помирувањето, да и заради процесот на носење на уставните амандмани, одговори премиерот Заев на прашањето во врска со Законот за амнестија, поврзан со настаните на 27 април 2017 година.
– Демократиите дозволуваат носење вакви одлуки од страна на Парламентот. Не одлучуваме кој е виновен, а кој не, не делиме правда. Се прави јасно разграничување на организаторите и осмислувачите – да не бидат ослободени од одговорност, а на Македонија насушно и треба помирување. Во Парламентот се случува покајание и простување, а треба да се случи и меѓу навивачките групи, локалните заедници и политичките подмладоци.
Со овој закон нема да има последици по поглавјата 23 и 24 од преговарачкиот процес. ЕУ го поздрави Законот за амнестија, се разграничува одговорноста. Владеењето на правото не е доведено во прашање, тоа го потврди со Соопштение и Европската Комисија, рече премиерот Заев.
– Имаме нешто што нè врзува сите, ЕУ и НАТО. Повикувам сите да ја разберат одговорноста на процесот што претстои, таа одговорност мора да ја понесеме, заради иднината на Македонија. Да испратиме порака за нормализација до сите, порача премиерот Заев.
Тој соопшти очекување дека уставните амандмани ќе бидат изгласани и рече дека би било добро тоа да се случи со повеќе од 80 пратеници, како и дека очекува одлуки од некои опозициски пратеници кои го поддржуваат процесот, но не се решија до сега јавно да го поддржат.
– Правам сè да успее процесот со уставните амандмани, додаде премиерот Заев, потенцирајќи дека со инклузивноста на процесот во нив се вградени и мислења на пратеници.
– Го јакнеме достоинството. Досега бевме ФИРОМ, нѐ ословуваа со “вашиот народ , вашиот јазик”. Сега, го јакнеме достоинството со тоа што како земја веќе никој не нè спори, ни по идентитет ни по јазик, кои се македонски. Перспективи отвораме, очекувам Македонија да стане членка на НАТО и да почнеме преговори со ЕУ, додаде премиерот Заев.
Во врска со заминувањето на Никола Груевски во Унгарија и лоцирањето можна одговорност, премиерот Заев посочи дека тоа треба да го утврдат внатрешната истрага и обвинителството, а дека по завршувањето на истрагата и тој и институциите ќе ги споделат сите информации што ги имаат со граѓаните.
– Во демократиите нема тајно прислушување, следење… и демократијата има своја цена. Ќе се обидеме со сите демократски средства да го вратиме. МВР постапило според правата и обврските. Никола Груевски беше слободен граѓанин, се додека со судска наредба не му се одземе слободата, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев, соопшти дека не прифаќа политичка вина, бидејќи има информации за постапувањата на МВР, што биле согласно овластувањата. Дополни дека многу работи во врска со случајот не може да коментира поради текот на истрагата, но изрази сомневање дека е „помогнато однадвор“. Тој посочи и на средбите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, со српскиот претседател Вучиќ и со унгарскиот премиер Орбан, при што изрази сомнеж за можна вмешаност на Мицковски. Премиерот Заев рече дека одговор за барањето за екстрадиција се уште нема, но дека „сите закони и меѓународни регулативи се на наша страна“, како и дека очекува, дека Груевски ќе биде вратен во Македонија.
Во врска со прашањето за дуел со Христијан Мицковски, премиерот Заев рече:
– Мицковски мора да заземе став по државните и државотворните прашања, или да понуди алтернатива. Да изнудам став сакам, тој мора да има став.
На прашањето дали ќе се кандидира за претседател на државата, премиерот Заев одговори:
– Не, нема да се кандидирам за претседател на Република Македонија.
Претседателот на Владата на Република Македонија во интервјуто одговараше на прашања од неколкумина новинари, како и од студенти присутни на дебатата, кои имаа можност да поставуваат прашања.
Во врска со проблемот со иселувањето на младите рече дека очекува тоа да се намали со интеграциите во НАТО и во ЕУ, дури и во втора фаза младите да почнат да се враќаат во својата родна земја.
За аерозагадувањето премиерот Заев соопшти дека се преземаат сите можни мерки, дека 80% од загадувањето потекнува од греењето, дека јавноста знае кој ја поскапе струјата за 100% изминатите години и кој со тоа ги натера граѓаните да преминуваат на нееколошки начин на греење. Тој рече дека се интервенира со употреба на еко пелети, гасификација, подобрување на јавниот транспорт, трамвај во Скопје со поддршка од Град Загреб, дека за две години нема да има домаќинство што ќе се грее на јаглен и кокс, дека за прв пат се отворени еколошки програми со наменети средства што се зголемуваат. Премиерот Заев соопшти и за повеќе отпочнати капитални инвестиции како изведба и на водоводи и канализации низ земјата, како канализациската мрежа во индустриската зона во Визбегово, почеток на изградба на 70 регионални патишта, отпочнувањето на втората фаза на Железницата и додаде дека очекува нивно зголемување.
Во рамки на интервјуто, претседателот на Владата, Зоран Заев рече дека очекува 2019 да биде и економска година за Македонија, дека БДП-то расте во последните два квартала и дека очекува да продолжи да расте до најавените 5% до крајот на мандатот, што тој се надева дека ќе бидат и надминати со отворените интеграции и регионалната соработка. Премиерот Заев посочи на веќе зголемена трговска размена со Грција после Договорот, за 17%. Рече дека 2.5 пати е пораснат интензитетот на повратот на ДДВ, дека се спроведува правична казнена политика, без рекет и закани и притисоци како порано. Тој најави поврат на ДДВ-то до 15% за граѓаните, од 1 јули 2019 година, како и услови за намалување на каматните стапки кај банките. Претседателот на Владата, Заев најави и дуално образование со германски експерти, при што сопствениците од профитите ќе вложуваат во вработените. Сето тоа, како што рече премиерот Зоран Заев ќе го зголеми животниот стандард на граѓаните во Македонија.