Министерството за здравство апелира до сите родители да ги вакцинираат децата со МРП вакцина.
Потсетуваме дека се уште е на сила наредбата дека децата, кои се невакцинирани нема да бидат примени во детските градинки, со цел да се спречи ширењето на епидемијата прогласена во Скопје.
Министерството информира дека денеска до 14:00 часот во поликлиниките на територија на град Скопје вакцинирани се вкупно 371 дете од предучилишна возраст.
Министерството за здравство, во соработка со Здравствен дом-Скопје воведува и втора смена во поликлиниките, каде се врши вакцинација, односно вакциналните пунтови во поликлиниките „Букурешт“, „Бит Пазар“ и „Јане Сандански“ ќе работат до 19 часот. Напоменуваме дека МРП вакцината е висококвалитетна, производител е компанијата GlaxoSmithKline од Белгија.