Изгласана доверба за владата на Ципрас – следува гласање за Договорот од Преспа

Сподели

Со 151 глас „За“ и 149 „против“ вчера беше изгласана доверба на грчката влада предводена од премиерот Алексис Ципрас.

После дводневната жестока дебата која што се водеше во грчкиот парламент, вчера беше изгласана доверба во владата на Ципрас. Покрај партијата на Ципрас – „Сириза“, уште шестмина пратеници ѝ дадоа поддршка на актуелната владеачка гарнитура.

„Почитувани пратеници, дојдов тука, врз основа на принципите и вредностите на партијата што ја претставувам, да побарам јасни решенија, а не за трикови и полумерки. Дојдов отворено, со достоинство и јасност и почитувајќи го Парламентот и демократијата. Ве повикувам, со сето срце,да дадете доверба на владата која се бореше и успеа да ја изнесе земјата надвор од договорите за финансиска помош и од фискалниот надзор“. За време на жестока расправа, Ципрас ја повтори оценката дека договорот со Македонија ќе ја зајакне стабилноста на Балканот.

Претседателот на грчкото Собрание после гласањето изјави до петок во собраниска процедура ќе влезе Договорот од Преспа, кој што треба да биде ратификуван. Се очекува договорот да биде ратификуван од грчкиот парламент во текот на идната седмица, по што целиот процес ќе биде практично завршен.