Злоупотреба на средствата за надомест на штета од земјотресите во Охрид

Сподели

Комисијата за водење на дисциплинска постапка формирана од страна на в.д градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески, потврди дека дошло до злоупотреба на средствата наменети за надомест на штета од земјотресите што го зафатија Охрид летото 2017 година.

Административниот работник и претседател на Комисијата за процена и утврдување на висината на штета настаната од природни непогоди, е казнет во висина од 30 проценти од висината на месечната плата. Целокупната документација за овој случај сега е предадена на СВР и Основното Јавно обвинителство од Охрид.

Седумчлената општинска Комисија утврдила дека административниот службеник, вработен во Секторот на ТЛЕР во одделот за Развој на земјоделството, во Општина Охрид, а претседател на Комисијата за процена и утврдување на висината на штета настаната од природни непогоди, несовесно ја извршувал функцијата и придонел за сторени неправилности по однос на исплатата на средствата за надомест на штетите од земјотресите летото 2017.

„Постои основано сомнение и индиции за сторени неправилности по однос на исплатата на средствата за надомест на штетите од земјотресот во 2017 година и презеде соодветни дисциплински мерки спрема раководителот на Комисијата која ја водеше таа постапка. Ценејќи ги сите отежнителни и олеснителни околности, Комисијата утврди престап и со тајно гласање утврди престап и изрекување на дисциплинска мерка во висина на 30 проценти од висината на едномесечниот износ на нето исплатената плата за последниот месец пред извршување на дисциплинскиот прекршок“, рече Георгиески.

Тој додаде дека Комисијата била формирана на почетокот на овој месец, а со записник на Комисијата била одземена целосната документација во врска со исплатата на штетите од земјотресите и под лупа биле ставени сите сомнителни исплати.

„Денеска доставив барање за постапување, до СВР Охрид каде што се наведени сите текови на целокупната постапка, и наоди кои се добиени од дисциплинската комисија, и целиот тој предмет од денеска ќе биде во надлежност на СВР Охрид каде е доставена целата документација. Исто така со одлука на Советот на Општина Охрид, на последната седница на предлог на опозицијата, а ние како позиција тоа го прифативме, ОЈО Охрид е известено со писмо на прецедателката на Советот и во прилог на моето барање за постапување до надлежните органи се сите тие документи“, објасни Георгиески.

Штетите од серијата земјотреси што во 2017 година го погодија Охридскиот регион беа проценети на 58 милиони денари. До општинската Комисија поднесени беа 854 барања за проценка на штети, 802 за индивидуални објекти и 52 за деловни објекти. Исплатата на штетите доцнеше со месеци, а голем број граѓани се’ уште немаат добиено отштeта.