Судењето за „Крвавиот четврток“ почна со читање на завршните зборови на ОЈО, и на обвинетите им беа врачени примероци од променети обвиненија по амнестирањето на дел од обвинетите.
„На 27 април, 2017 од 14:30 до 22:30 за време на Конститутивната седница обвинетите Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Јохан Тарчуловски, Љупчо Димовски (за кого постапката е запрена), Митко Чавков, Митко Пешов, презеле дејства со намера да го загрозат уставниот поредок на Република Македонија и го загрозиле животот на пратениците и новинарите“, рече обвинителката Трајчевска.
Кривичното дело за сите обвинети остана исто, терористичко загрозување на уставниот поредок, а за помагање во ова кривично дело е обвинет само Оливер Радулов.
Во завршните зборови за секој од обвинетите обвинителката Рускоска изнесе каква била нивната улога во нападот на 27 април, што беше презентирано и за време на доказната постапка во текот на судскиот процес.