Кривичен суд бара Јовески и Собранието да се изјаснат за надлежноста на СЈО

Сподели

Скопскиот Кривичен суд побара Јавниот обвинител Љубомир Јовески да се изјасни кој обвинител ќе ги работи случаите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и да побара автентично толкување од Собранието за членот 22 од Законот за специјалното јавно обвинителство, јавува „Порталб“.

Таква одлука била донесена на вчерашниот состанок на Кривичниот суд по правното мислење на Врховниот суд кој го оспорува почнувањето истраги и поднесувањето обвиненија од СЈО по 30 јуни 2017 година и нареди овие случаи да бидат преземени од редовните обвинителства.

Според барањето од судот, Јовески мора да се произнесе кој ќе биде овластен тужител на случаите на СЈО, дали СЈО или Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Притоа јавниот обвинител ќе треба од Собранието да побара автентично толкување на законот за СЈО, бидејќи само законодавецот смее да ги толкува законските одредби, а судските тела се надлежни само за спроведување на одредбите, а не нивното толкување.