Пред објектот на Владата, кој инаку утровоосамна без натписот „Влада на Република Македонија“ од претпладнево се вршат подготовки за утрешната церемонија за подигнување на знамето на НАТО пред владиниот објект, на кој наскоро ќе пишува „Влада на Република Северна Македонија“.
Во текот на попладнево ќе се прави и мала проба за церемонијата, објаснија од Владата. Така, пред наредените столови со креда се цртаа линии за утре да се знае каде да се наредат повторно, работници го метеа платото и се постилаа и се собираа црвени килими.
Од спротивната страна на булеварот Илинден тоа го гледаа 12-те припадници од Гардата на АРМ, чекајќи го својот ред во денешната проба.
Утрешната церемонија ќе почне во 11 часот. Македонија во средата го потпиша пристапниот протокол за НАТО, со што го почна придружувањето на Алијансата, кое ќе стане официјално кога сите 29 земји-членки на НАТО ќе го ратификуваат протоколот. Со кревањето на знамето на Северноатлантската алијанса утре, Владата официјално го одбележува првиот чекор од полноправното членство во НАТО.