Грција, Албанија и Бугарија изјавија сочувство за трагедијата

Сподели

Длабоко жалење, како и сочувство и солидарност до граѓаните и владата, изрази Министерството за надворешни работи на Грција по трагичната сообраќајна несреќа на автопатот Скопје – Тетово.

„Длабоко жалиме за трагичната сообраќајна несреќа на автопатот Скопје- Тетово. Нашите мисли се со семејствата на жртвите и нивните најблиски. Изразуваме искрено сочувство и солидарност со граѓаните и владата на Северна Македонија“, напишаа од грчкото МНР на нивниот официјален Твитер профил.

Според грчката новинска агенција АНА-МПА, веднаш по несреќата, алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос му се јавил на Никола Димитров за да изрази сочувство и поддршка во тешките моменти за земјата.

И бугарскиот премиер Бојко Борисов изрази жалење за жртвите во тешката автобуска несреќа што вчера попладне се случи на автопатот Скопје – Тетово.

– Со болка ја слушнав веста дека на патот Скопје – Тетово животот го загубија 14 лица. Им изразувам жалење на најблиските на загинатите и посакувам брзо заздравувње на повредените – изјави Борисов.

Албанскиот премиер Еди Рама изрази длабоко сочувство до семејствата на загинатите, а на повредените им посака брзо закрепнување.

Рама на Твитер напиша дека „ духовно се наоѓа покрај семејствата на настраданите“.

-Жал за трагедијата на автобусот во соседната земја Северна Македонија, каде што бројот на жртви и повредени шокираа и вознемирија толку многу семејства. Ние духовно сме покрај сите семејства и целата пријателска земја,напиша Рама.

Албанскиот претседател Илир Мета на својот профил на Фејсбук тој напиша дека е длабоко погоден и тажен од страшната вест и е духовно со семејствата на настраданите.

-Длабоко погодени и тажни од шокантните вести за загубените животи во трагедијата со автобусот на автопатот Скопје-Тетово. Во овие тешки мигови духовно сме до семејствата погодени од оваа трагедија, до роднините и пријателите на жртвите и сите граѓани на Северна Македонија погодена од ова трагедија! Длабоко и искрено сочувство и братска солидарност! Искрени желби за брзо закрепнување на повредените, напиша Мета.