Владата одржа вонредна седница по трагичната сообраќајна несреќа што се случи на патот Скопје – Тетово во близина на село Ласкарци, на 13 февруари 2019 година.
„Почитувани граѓани,
Тешка ноќ. Полна со неизмерна болка и тага.
Немам зборови кои можат да бидат доволна утеха за семејствата на нашите сограѓани кои вечерва трагично ги загубија животите во тешката сообраќајна несреќа.
Сочувствуваме со нивните семејства и нивната загуба.
Вечерва нашата држава тагува.
Ги мобилизиравме сите сили и капацитети да им помогнеме на сите повредени кои се во опасност, колку што може побрзо да ја добијат неопходната помош и да им се вратат на своите најблиски.
Вечерва, Владата донесе одлука со која 14 и 15 февруари ги прогласува за денови на жалост. Тоа е утре и задутре.
Дозволете да ги соопштиме некои од фактите кои што веруваме дека ќе ги интересираат граѓаните.
Автобусот се движел на релација Скопје-Тетово, несреќата е кај село Ласкарци. Неутврдени се причините, истрагата е под раководство на надлежниот обвинител. Денеска е завршена на лице место, продолжува, и веднаш штом ќе заврши ќе бидат соопштени сите факти и детали за причините за случувањето на оваа тешка сообраќајна несреќа.
Автобусот поминал директно на спротивната страна, ја поминува спротивната страна, влегува дури и на регионалниот пат, паѓа на регионалниот пат и паѓа и понатаму после регионалниот пат во делот на удолнината.
Интервенциите беа брзи на сите институции, вклучително МВР и државните болници, но и сите приватни болници коишто промтно и безпоговорно веднаш ги испратија сите свои ресурси.
Вечерва, за жал животите ги загубија 14 наши сограѓани. Седум наши сограѓани починале на лице место на несреќата. 37 лица биле хоспитализирани во болницата 8 Септември, односно донесени, 6 од тие 37 лица се починати во 8 септември. Во Свети Наум Охридски имаме едно починато лице, 2 лица биле пренесени во Тетово и се во добра состојба, едно лице е на домашно лекување од Гостивар, во Мајка Тереза, 8 лица од кои 3 се со сериозни повреди“ – изјави премиерот Заев.