И Грција ќе ги менува старите табли

Сподели

Грција веќе ја призна Северна Македонија, а тоа ќе се одрази во секое официјално споменување, вклучувајќи ги и таблите, рече портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос, на редовниот брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето, во однос на тоа дали, откако стапи во сила Договорот од Преспа, Грција ќе ги промени таблите на северната граница на кои сега пишува Скопје или ПЈРМ.

-Во однос на таблите, што ги споменавте, јасно е и апсолутно е факт дека Грција веќе ја признава соседната држава со името Северна Македонија и тоа ќе се одрази во секое официјално споменување од Грција кон Северна Македонија, нешто што очигледно ги вклучува и таблите, рече Ѕанакопулос.

Грчки дипломатски извори за МИА објаснуваат дека Министерството за надворешни работи на Грција, во следните денови ќе испрати циркулар до јавната администрација со кој ќе ги информира за промената на името во Северна Македонија, а со тоа и за потребата да се променат таблите.