Премиерот Зоран Заев на денешното отворање на салата за јавни услуги „Една точка за услуги” на новинарско прашање во врска со партиските вработувања рече дека на граѓаните гледа како еднакви и рамноправни.
„Ние не можеме да ги ограничиме младите луѓе кои членуваат и не членуваат во партија. Но етичкиот основ, јавноста го доловува. Не само законот туку и етичкиот дел треба јасно да го поставиме. Болно е прашањето кога гледаме вработувања на членови на семејства кои се партиски припадници, а други чекаат работа. Тоа не е фер. Апелирам, работам, разговарам со луѓето одредени чекори ќе се преземат со одредени функционери и од парламентарната и од извршната власт, верувам и од локалната власт за да можеме да се корегираме, бидејќи не сакам да бидам ист како претходните. Ќе креираме политики. Побаравме поддршка од граѓански организации, да ни помогнат. Сакаме да ни помогнат да изградиме систем на вредности“, одговори Заев.
Тој рече дека има голема разлика со претходната Влада, но и слабостите се покажале.
„Медиумите се сериозен коректив на слабостите и аномалиите кои се случуваат во општеството. Ги поздравувам позитивните примери на исчекор на повлекување на одредени членови на семејствата кои се партиски припадници. Точно е дека има партиски припадности во вработувањата, но поголемиот дел се луѓе кои се бираат на конкурси. За жал поради големата миграција и напуштања на работни места, имаме дефицит, никаде не можеме да најдеме луѓе. Ако зборуваме за член на семејство кое има партиска припадност, а е кадар што го бараме како специјалист, архитект, градежник, информатичар дали треба да се повлече? Тоа го кажувам не да избегнеме одговорност, туку да се направи јасна дистинкција“, додаде тој.
Во однос на изјавата на министерот за економија Крешник Бектеши дека нема да бара неговите блиски да се повлечат од работните места во МЕПСО и ЕЛЕМ, Заев рече дека секој со својата одговорност.
„Секој ќе си ја носи својата одговорност, има и политичка и етичка одговорност. Ако има одредено образложение, а народот тоа го сфаќа јас немам воопшто проблем со тоа. Ако нема образложение, критериум, нормативи, нема транспарентност, не се видела конкурентноста, болно е кога гледате дека има протекционизам, посебно кога е политички. Знам и луѓе што се членови на семејства на одредени функционери, па добиле петта шанса. Некои чекале по 20 години, без разлика од кој профил се. Секој треба да добие еднаква шанса“, додаде Заев.