Откажана средбата Села- Заев за договарање за заеднички претседателски кандидат

Сподели

Средбата меѓу претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, со претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев, што требаше да се одржи денеска е откажана на барање на Села. Двајцата партиски лидери требаше да разговараат за можноста да изберат заеднички претседателски кандидат.

Како што извести „Порталб“, Села се налутил поради тоа што Министерството за образование ги одзело ингеренциите на градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, кој е во Алијанса за Албанците.

Со одлука на министерот за образование Арбер Адеми, на Таравари му одземени правото да избира и да разрешува директори во наредните девет месеци. Адеми денеска изјави дека оваа одлука не е политички мотивирана.

– Се соочивме со низа нерегуларности во однос на разрешување и именување на директори во основни и средни општински училишта. И како Министерство сме биле приморани да реагираме бидејќи такво задолжение имаме од законот. Разрешени се речиси сите директори на основни и средни училишта без постапка, именувани се директори во сите училишта каде имало разрешување без постапка и огромен дел од тие директори што биле именувани на такви позиции не ги исполнувале условите пропишани со закон да бидат именувани како директори – изјави Адеми по посетата на Основното училиште „Братство“ во Општина Карпош.

Пред откажаната средба со Села, Заев за можноста на претседателските избори да излезат со заеднички, консензуален кандидат,  разговараше со лидерите на ДУИ, ДПА и „Алтернатива“ – Али Ахмети, Мендух Тачи и Африм Гаши.