Претседателот на Собранието Талат Џафери изјави дека не го спасувал Трајко Вељаноски со тоа што ја прекинал седницата за одземање на неговиот имунитетот. Тој вели дека не го спасувал ниту Вељаноски, ниту кого било.
„Одговорноста на пратеникот не може да се одбегне во соодветна судска постапка. Седницата е прекината оти одмина времето за носење одлука, поради пратениците, особено поради пратеникот од мнозинството Мухамед Зеќири, тоа може да се потврди од снимките, обврска ми е да прекинам седница“, рече Џафери.
Тој објаснува дека тоа што не е донесена одлука за симнување на имунитетот на пратеникот Вељаноски, обвинет за вмешаност во организирањето на насилствата на 27 април 2017 година, подразбира дека не е донесена одлука и со тоа останува имунитетот. Но, како што вели Џафери, продолжува постапката и можноста на соодветниот орган да ги преземе другите дејствија по однос на процедурата која е предвидена со закон.