За еден месец откриени и уништени 603 килограми небезбедна храна

Сподели

Само во месец јануари годинава, инспекторите за храна направиле 5.103 инспекциски контроли, од кои 1.146 од контролите биле кај операторите со храна. Како небезбедни за консумирање биле евидентирани 603 килограми храна од неживотинско потекло, која била уништена, информираат во Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

– Постои воспоставен интегриран систем на контрола, за да се елиминира можнoста на пазарот да се пласира небезбедна храна. Исто така тој систем овозможува да се спречат евентуални труења и инфекции и да обезбеди заштита на правата на потрошувачите. Инспекциските служби на АХВ во јануари годинава, спроведоа вкупно 5.103 инспекциски надзори. За констатираните недоследности на операторите со храна изречени им се вкупно 534 мерки од кои, 391 решение за отстранување на недоследности, 131 едукација, изречени се три парични казни, дадени се шест покани за порамнување со прекршочен платен налог и поднесени се три прекршочни пријави – информираат оттаму.

Инаку во период од шест месеци, минатата година беа уништени вкупно дури 60.809 килограми небезбедна храна од животинско потекло (месо, производи од месо и од млеко, риби мед и јајца). Од нив, 59.298 килограми била храна од домашно производство, а останатата храна била од увоз.

Освен редовните контроли на инспекторите, и граѓаните можат да пријават недоследности со храна во АХВ на 080032222 или пак, да испратат мејл на info@fva.gov.mk