Специјалната обвинителка Катица Јанева апелира пратениците во Собранието да го препознаат моментот и да гласаат за донесување на новиот закон за јавно обвинителство бидејќи, како што посочи, тој е важен предуслов за влез во ЕУ и НАТО. Смета дека законот е добар, иако, според неа, никогаш закон не може да биде идеален, но најважно е, рече, обвинителот да има доволно интегритет, авторитет и проактивност да го заживее во пракса. Тоа овој закон, според неа, го овозможува.
Обвинителката Јанева во вечерашното интервју на телевизија 1ТВ потенцира дека не е точно оти со новиот закон се губат бомбите како докази.
-Тие се слушаат во судница за предметите за кои е потврдено обинението, значи до 1 јули 2017 година. Во однос на другите предмети за кои е воспоставена надлежност врз основа на бомбите мислам дека можеби нема да бидат слушани јавно за време на судењето, но транскрипти ќе бидат доставени, а на судот е да цени, рече Јанева.
Таа вели дека бомбите и до сега не биле единствен доказ во постапките, иако судовите се изјасниле дека ќе ги признаат како докази.
-Ние покрај тоа секогаш, без разлика колку бомби имаме дали една или 1001, во предметите имаме изјави од сведоци и материјални докази и тоа од институции од Република Македонија и дел што сме ги добиле од меѓународна правна помош, рече обвинителката Јанева.
СЈО досега, како што рече, преслушало 96 отсто од бомбите, кои биле анализирани и селектирани во однос на тоа кои се приватни, а кои од јавен интерес.
-Оние што се од јавен интерес ќе помине можеби мал период до летово да ги селектираме и да отвориме предистраги на кои имаме право за некои покрупни случаи, рече Јанева.
Додаде дека во предадените разговори кои ги анализирале а се однесуваат на периодот од 2008 до 2015 година има повеќе индиции за криминални дејаствија, но, како што рече, некои се застарени по важечкиот Кривичен закон.