Во пресрет на претседателските избори, Советот за етика во медиумите (СЕММ) апелира за целосна професионална одговорност во новинарството, промовирање партиципаторен политички процес и континуиран пристап на јавноста до релевантни и веродостојни информации.
Апелираме до медиумите на посериозен пристап во известувањето, односно јавниот интерес да биде главен услов при селекцијата на темите што се презентираат на публиката. Освен информативна, медиумите имаат и едукативна улога, тие треба да го збогатуваат јавниот дискурс, да влијаат на негово култивирање, а не на спуштање на нивото на јавната комуникација и креирање атмосфера што не доликува на едно современо демократско општество. Медиумите не треба да дозволат да бидат манипулирани од страна на политичарите и другите актери во изборниот политички процес, бидејќи тоа значи директна штета врз јавноста и граѓаните во државата.
Очекуваме од медиумите, а особено Интернет порталите, да не дозволат да бидат злоупотребени и да послужат како средство за пропаганда и повици за обединување на поединци и групи за радикално однесување и постапки кои го загрозуваат јавниот ред и мир во општеството. Поддржувајќи го и правото на граѓанските активисти да послужат како извори на информации за случувањата, ги потсетуваме новинаритена нивната улога особено да внимаваат на кредибилноста на изворот на информациите, задолжително да користат повеќе извори на информации, да известуваат со кредибилитет и објективно и урамнотежено да ги претстават случувањата во нивниот вистински контекст. Нивото на професионално однесување не смее да се симнува и да се дозволат лаги, полувистини и еднострани информации кои на граѓаните би им се сервирале како проверени и вистинити вести.
Во овој контекст, ги потсетуваме медиумите на нивните обврски да известуваат професионално и во согласност со Повелбата на СЕММ за етичко известување на медиумите, чии принципи се следниве:
-вистинитост и објективност
-избалансираност
-јасна дистинкција меѓу информациите и коментарите
-чесност и независност
-професионална солидарност меѓу медиумите
-уредувачка независност и професионален интегритет
-почит и толерантност
-слобода и одговорност.
На почитување на принципите на Повелбата и на Кодексот на новинарите ги повикуваме сите медиуми, а особено постоечките и идните членки на СЕММ, чие активно членство во Советот ќе зависи токму од оваа определба – стои во соопштението на СЕММ.