Младите од цел свет утре ќе протестираат против климатските промени

Сподели

Учениците од повеќе од 1000 градови во светот се очекува утре да ја напуштат наставата како дел од глобалниот протест против климатските промени, пренесува МИА.

Штрајкот на учениците се очекува да биде најголемиот протест организиран досега од студентското движење „Петоци за иднината” (#FridaysForFuture ). Само во Германија, организаторите очекуваат 140 протести – повеќе отколку во која било друга земја, објави ДПА.

Протестот почна со една средношколка од Стокхолм. Грета Танберг од летото секој петок протестира пред Парламентот во Стокхолм. Набрзо неа ѝ се придружија голем број ученици од неколку земји, како во Белгија и Германија. Но на утрешниот протест и средношколците и студентите од Сиднеј, Париз, Токио, Монтреал, Хонг Конг, Кампала… ќе ги напуштат училниците.

„Штрајкуваме за да им порачаме на нашите влади да ја исполнат својата должност и да ни пружат докази“, се наведува во јавниот апел објавен на Фејсбук.

Младите потенцираат дека не ги интересираат изговори кога станува збор за борбата против климатските промени. Прашањето што многу ученици, кои утре ќе демонстрираат, ќе им го постават на оние кои ќе им забележат затоа што „бегаат“ од часови е: Која е поентата да се оди на училиште ако климатските промени би можеле да ја уништат целата надеж за иднината?

Организаторите на протестот потсетуваат дека светските лидери имаат уште 11 години за да избегнат катастрофални нивоа на глобално затоплување, според извештајот на Меѓународната комисија за климатски промени на ОН (ИПЦЦ) од 2018 година.

Ако емисиите на стакленички гасови произведени од човекот продолжат со сегашната стапка, Планетата до 2030 година ќе достигне 1,5 степени Целзиусови повеќе од пред-индустриското ниво, што се смета за критично. Глобалното затоплување на таа температура би ја изложило Планетата на поголем ризик од настани како екстремни суши, пожари, поплави и недостиг на храна за стотици милиони луѓе, според извештајот на ИПЦЦ.

Според извештајот, намалувањето на глобалното затоплување бара “брзи и далекусежни” промени во користењето на земјиштето, енергетските извори, инфраструктурата и индустриските системи. Студентите кои протестираат мислат дека досега не е доволно направено.

Докази дека светот презема мерки кои се неопходни се потребни за да се ограничи глобалното затоплување на не повеќе од 2 степени Целзиусоци во однос на прединдустрискиот период. – Досега не чув никакво конкретно ветување од властите, изјави неодамна Танберг. – Тие само велат дека ќе се обидат да направат најдобро што можат, но тоа не е доволно добро, бидејќи нашата куќа гори и сакам да почнете да паничите, порача 16-годишната Швеѓанка.

Вие не сте доволно зрели да го кажете тоа како што е, изјави таа во декември во Полска, на Конференцијата на ОН посветена на климата. – Дури и товарот го оставате на нас, децата, им се обрати таа на светските лидери.

Во отвореното писмо, објавено во весникот „Гардијан”, група млади климатски активисти ги нарекоа климатските промени „најголема закана во човечката историја” и истакнаа дека младите повеќе нема да ја прифаќаат пасивноста на светските лидери. „Ги преземаме работите во свои раце, без разлика дали ви се допаѓа или не“, потенцираат тие. „Имаме право да ги живееме нашите соништа и надежи”, пишува во писмото. „Климатските промени веќе се случуваат, луѓето умираа, умираат и ќе умрат заради тоа, но можеме и ќе го запреме ова лудило”, посочуваат младите активисти.

Некои училишни претставници и политичари ги критикуваат протестите, нарекувајќи ги наивни злоупотреби на времето планирано за настава. Кога премиерката на Велика Британија Тереза Меј, минатиот месец ги нарече излегувањето од часови поради протестите -губење време, Танберг твиташе: „Можеби е така. Но, политичките лидери потрошија 30 години не преземајќи ништо. А тоа е малку полошо“.

Невладината организација „350.org“, која ја поддржува мобилизацијата, се надева дека утрешните протести ќе бидат пресвртница која нешто ќе промени.

– Тој светски штрајк ќе биде пресвртница во светската историја, момент во кој возрасните ќе научат да ги следат своите деца поради вистински промени, изјави Николас Хаерингер од „350.org“

Сепак, медиумите прашуваат дали младите воопшто можат да сменат нешто.

– Тоа се избирачите на утрешнината. Политичките партии и групи ги гледаат со интерес, коментира Себастијан Трејер, главен директор на Институтот за одржлив развој и меѓународни односи. – Тоа не е безначајно, вели тој.