На 16-тата Конференција на претседатели на парламенти на Јадранско-јонската иницијатива која се одржа во Будва, Црна Гора од 18-19 март, претседателите – учесници на конференцијата усвоија заедничка изјава а со чинот претседаваше претседателот на Собранието на Црна Гора, г. Иван Брајовиќ.
Во изјавата се истакнува важноста на продолжувањето на парламентарната соработка во регионот за реализација на проектите за поддршка на интеграцијата на земјите на Западен Балкан во ЕУ, се истакнува дека секторот туризам станува се позначаен фактор на економскиот напредок на јадранско-јонскиот регион при што се охрабруваат земјите учеснички на иницијативата да ја подобрат регионалната димензија на соработката и размената на најдобрите пракси во оваа област, а се поддржува и политичката поддршка на активностите кои се спроведуваат на државно, прекугранично и регионално ниво во оваа насока.
Во заедничката изјава се охрабрува промоцијата на заедничките туристички производи со цел позиционирање на Јадранско-јонскиот регион како една од водечките туристички дестинации во Европа во прилог на што се истакнува и важноста на унапредувањето на инфраструктурата која има суштинска улога во подобрувањето на пристапноста и поврзаноста на регионот.