Токаев: Астана да се преименува во Нурсултан

Сподели

Новопоставениот претседател на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев, предложи главниот град Астана да се преименува во Нурсултан, само ден откако Нурсултан Назарбаев поднесе оставка од претседателската функција по 29 години на власт. Парламентот на централноазиската земја денеска го прифати во прво читање предлог-законот за преименување на градот.

– Предлагам главниот град Астана да го преименуваме во Нурсултан во чест на нашиот прв претседател   – изјави Токаев, кој досега беше претседател на Сенатот на парламентот на Казахстан.
Токаев бил и премиер на Казахстан, министер за надворешни работи во два мандата и генерален директор на одделението на ООН во Женева. Тој ќе го доврши петгодишниот мандат на Назарбаев се до изборите наредната година.

Назарбаев вчера предизвика шок во светот откако вчера, во претходно снимено телевизиско обраќање, го објави своето повлекување.

Тој беше единствен претседател на Казахстан откако државата се стекна со независност од Советски Сојуз во 1990 година, но остана голем сојузник на Владимир Путин.

Назарбаев, кој присуствуваше на инаугурацијата на Токаев, ќе остане на чело на влијателниот Совет за безбедност и лидер на владејачката партија.

Аналитичарите не очекуваат значителни промени во Казахстан по заминувањето на Назарбаев, кој воспостави авторитарен режим кој беше нетолерантен кон опозицијата.

Астана стана главен град на Казахстан во 1997 година, преземајќи го статусот од Алмати, откако претходно беше изградена речиси од темел, на местото на малото провинциско гратче.